вторник, 1 мај 2012 г.


Откриени сторителите на масакрот кај Смиљковското Езеро

Скопје, 1 мај 2012 (МИА) -  Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ги откри убијците од масакрот кај Смиљковско Езеро. Приведени се 20 лица од Скопје, следбеници на радикалниот ислам, најголем дел од нив се македонски државјани. МВР против приведените 20 лица, информира денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, ќе поднесе кривични пријави за сторено кривично дело „тероризам“.

Врз основа на материјални докази од МВР тврдат дека тоа се извршителите на грозноморното убиство на петте недложни граѓани. Меѓу 20те уапсени, има лица кои се директно инволвирани во убиството кај Смиљковци, појасни Јанкулоска, но и лица за кои нема податоци дека биле на лице место на убиството.

При извршените претреси утрово во 26 објекти, во најголем дел на територија на Градот Скопје, и во активностите во полициската акција „монструм“, во која учествува над 800 припадници на МВР (УБК и БЈБ), пронајдено е поголемо количество оружје, литература која укажува на идеолошката припадност на овие лица и други предмети, кои би можеле да бидат или се користени при извршување кривични дела. Во тек е вештачење дали пронајденото оружје е користено во петкратното убиство.  Според Јанкулоска главниот мотив најверојатно е нивната идеја за убивање во радикалниот ислам, а целта е да се создаде чувство на страв кај пошироката јавност.

- Мотивот е нивната идеја, убедување, верување и следење на радикалниот ислам кој е опасен за верниците од христијанството, муслиманска вероисповед, но и за оние кои не веруваат во ниту еден религија, рече Јанкулоска, додавајќи оти дел од приведените биле и на боиштата во Авганистан и Пакистан и војувале против војската на НАТО.

Според неа, кога се станува збор за кривично дело „тероризам“ жртвите не секогаш се директно поврзани со извршителите или со мотивот заради кој е направено делото.

- Нашето сомневање е дека токму и во овој случај се работи за едно такво убиство каде жртвите не се директно во никаква конекција со извршителите, меѓутоа зад кривичното дело стои намерата да се создаде чувство на несигурност и страв кај пошироката популација, истакна министерката за внатрешни работи.  По барање на новинарите да даде оценка за безбедносната состојба во Македонија и дали земјава се соочува со опасност од радикален исламизам и други можни терористички напади, Јанкулоска потсети дека Република Македонија е дел од глобалната коалиција за мир, и е земја која според бројот на жители е 5-та по ред по учеството на мировниците од АРМ во мисијата во Авганистан

- Со самото тоа Република Македонија е на страната на земји кои може да бидат потенцијален таргет на радикалните исламисти. Во ниту еден момент не ја потценуваме состојбата и не ја исклучуваме можноста за радикално делување на поединци или групи. Сепак службите на МВР, Управата за безбедност и контраразузнавање, Бирото за јавна безбедност, односно сите припадници на Министерството будно ја следат состојбата, превентивно делуваме, делуваме и репресивно заради тоа што цениме дека ништо не смее да го смени начинот на кој ние живееме, а тој начин на кој живееме е во мир и соживот на сите граѓани кои живеат во Македонија, децидна е министерката Јанкулоска, додавајќи оти будно се следи состојбата, нема посериозни промени, меѓутоа, подвлече, тоа не смее да не остави релаксирани затоа што е евидентно оти следбениците на радикалниот ислам се подготвени на најгрозоморните и најбизарните кривични дела и убиства, како што беше и убиството кај Смиљковското езеро.

Во врска со прашањата дали зад оваа група стои некоја поголема терористичка група или делувала по нечија наредба, министерката најави дополнителни информации во периодот што следува, затоа што, истакна, прерано е да се даваат какви било оценки или да се разработуваат сценарија за кои во моментот нема доволно потврдени податоци.  За полициската акција „монструм“, беше информиран и премиерот Никола Груевски, кој денеска беше во МВР.

Јанкулоска им се заблагодари на сите граѓани кои дадоа корисни информации, посебно на сите припадници на МВР кои во изминатиот период буквално деноноќно беа на работа и на медиумите бидејќи, подвлече, најголемиот дел од вас коректно известуваа за настанот.

На 13 април на Велики четврток на брегот на езерото кај Смиљковци свирепо беа убиени Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Цветанчо Ацевски на возраст од 18 до 20 години, како и Борче Стефановски (45) од скопското село Црешево. Петмината, според досегашните информации на полицијата, убиени се од автоматско оружје од непосредна близина.

Ден подоцна полицијата на 10 километри од местото на масакрот пронајде автомобил “опел омега“ за кој подоцна се потврди дека бил на местото на убиството и бил користен од убијците.

Нема коментари:

Објави коментар